Ahmet Furkan Mercan
22 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ТОКИО (АА) - Околу 199.000 луѓе во седум префектури би можеле да загинат во евентуален земјотрес што би го потресол североисточниот брег на Јапонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Централниот совет за управување со катастрофи на јапонската Влада даде проценка за човечките жртви при евентуален земјотрес во басенот Чишима и Јапонскиот ров на североистокот од земјата.
Според тоа, се тврди дека евентуален земјотрес со јачина од 9,1 степени според Рихтеровата скала во Јапонскиот ров може да предизвика цунами со висина на бран од над 10 метри и би ги зафатил регионите Хокаидо и Тохоку.
Природна катастрофа од тие размери ќе предизвика 199.000 смртни случаи, уривање на 220.000 згради и би предизвикала материјална штета од 31,3 трилиони јени (275,4 милијарди долари) во споменатите два региона и во седум префектури.
Земјотрес со интензитет од 9,3 степени во басенот Чишима би предизвикал цунами со бран од над 20 метри, предизвикувајќи смрт на над 100.000 лица и би урнал 84.000 згради.
Јапонскиот ров се протега од Хокаидо на север до полуостровот Босо, во префектурата Чиба која се наоѓа во близина на главниот град Токио, а ровот Чишима се протега од Хокаидо до островите Чишима (Курилски Острови) на северот од земјата.