Mustafa Deveci
17 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во Израел денес се одржуваат повторни парламентарни избори кои се од исклучителна важност за иднината на Палестина и за политичката кариера на актуелниот израелски премиер, Бенјамин Нетанјаху, јавува Anadolu Agency (AA).
Речиси 6,4 милиони регистрирани гласачи денес избираат нов состав на израелскиот Парламент (Кнесет), кој брои вкупно 120 пратенички места.
Гласачките места низ Израел се отворени утринава во седум, а затворањето е најавено за вечерва во 22 часот по локално време.
Првобитно, парламентарните избори во Израел се одржаа на 9 април оваа година, но поради неможноста за формирање парламентарно мнозинство за денес беа распишани повторни избори.
Со учество на вкупно 29 политички партии, денешните израелски избори важат за едни од најнеизвесните во изминатите неколку децении.
Актуелниот израелски премиер и лидер на партијата Ликуд се бори за петтиот мандат на чело на Владата, а најголемиот опонент му е пензионираниот генерал и поранешен началник на Генералштабот, Бени Ганц, кој е на чело на Сино-белата партија.
Последните анкети покажуваат дека десничарската партија Ликуд и сино-белите централисти имаат подеднакви шанси на денешните избори, но дека ќе мора во малите партии да бараат партнери за формирање нова влада. Не е исклучена и опцијата за голема коалиција.
Цензусот за влез во Кнесетот е 3,25 отсто од гласовите, а последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека во идниот состав на таа институција би требало да влезат десет политички партии.
Анкетите покажуваат дека десничарските партии имаат подобар исход и дека Нетанјаху има поголеми коалициски капацитети од Ганц.
Заедничка листа на кандидати на денешните избори понудија вкупно четири партии, кои претставуваат речиси два милиона Арапи што живеат и имаат државјанство во Израел. Анкетите предвидуваат дека заедничката арапска листа би можела да добие меѓу 9 и 12 пратенички мандата и да биде трета најсилна опција во Кнесетот.
Анкетите на четвртото место го ставаат поранешниот министер за одбрана, Авигдор Либерман, и неговата партија, но токму тој би можел да биде клучниот преговарач за формирање на новото десничарско мнозинство во израелскиот Парламент.
Аналитичарите тврдат дека Нетанјаху денес сака да извојува победа и да остане на чело на Владата, со цел да ја задржи политичката моќ поради продолжувањето на истрагата и одлуката за подигнување обвинение во судските процеси во кои се товари за корупција.
Резултатите од денешните избори се важни и за иднината на Палестина и нејзиниот народ. Наскоро се очекува американскиот претседател, Доналд Трамп, да го објави т.н. Договор на векот, со кој се сака да се реши блискоисточната криза, а информациите кои протекоа во медиумите најавуваат дека тој документ нема да ги исполни барањата на палестинскиот народ.
Предизборната кампања ја одбележаа скандалозните ветувања на Нетанјаху, кој рече дека со анексија Израел ќе го припои поголемиот дел од територијата на Западниот Брег, вклучувајќи ја и Јорданската Долина. Тие изјави предизвикаа остра осуда од бројни меѓународни организации и држави.