Ekip
25 Март 2025•Ажурирај: 26 Март 2025
ГАЗА (АА) – Најмалку осум лица од исто семејство се убиени во израелскиот воздушен напад врз бегалскиот камп Бурејџ во централниот дел на Појасот Газа денес, соопшти медицински извор, јавува Анадолу.
Во новите израелски напади врз Газа денес се убиени најмалку 26 Палестинци, додека нападите врз енклавата продолжуваат со несмален интензитет.
Денешните напади се извршени кога Израел продолжува да ги затвора граничните премини на Газа за хуманитарна помош, предизвикувајќи сериозен недостиг на прехранбени продукти во разурнатата територија.
Израелската Армија на 18 март започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа, убивајќи најмалку 730 луѓе, а речиси 1.200 беа повредени, и покрај договорот за прекин на огнот и за размена на затвореници што беше постигнат во јануари.
Над 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 113.200 се повредени во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.