свет

Во израелските напади врз Газа убиени уште 58 Палестинци, билансот достигна над 38.000

„Во последните 24 часа израелските сили убија 58 луѓе, a повредени се 179 во четири масакри врз семејства“

Ahmed Asmar  | 04.07.2024 - Обновена : 05.07.2024
Во израелските напади врз Газа убиени уште 58 Палестинци, билансот достигна над 38.000

АНКАРА (АА) - Уште најмалку 58 Палестинци се убиени во израелските напади на Појасот Газа, со што од 7 октомври минатата година вкупниот број на убиени се зголеми на 38.011, соопшти денес Министерството за здравство на опколената палестинска енклава, известува Анадолу.

Во соопштението на Министерството се додава дека досега во нападите се повредени 87.445 лица.

„Во последните 24 часа израелските сили убија 58 луѓе, а повредени се 179 во четири масакри врз семејства“, соопшти Министерството.

„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.

Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање и гранатирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Газа од 7 октомври 2023 година.

За повеќе од осум месеци израелски напади, огромни делови од Појасот Газа се наоѓаат во урнатини, со разорена и уништена инфраструктура на палестинската енклавата, принудувајќи го населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, што предизвика голем недостиг на храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне израелската копнена офанзива врз градот на 6 мај.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.