Ekipa
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Низ цела Индија се продолжени протестите кои се одржуваат поради спорните реформи на Законот за државјанство, со кој се дадени привилегии на имигрантите припадници на шест верски заедници, но таа можност не им е дадена на муслиманите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите во Индија започнаа на почетокот на минатата недела, а ескалираа по неделната полициска интервенција против демонстрантите на Универзитетот „Џамија Милија Исламија“ (JMI) во Њу Делхи и Универзитетот „Алигарх“ во Утар Прадеш.
Протестите ги одржуваат студенти на 29 универзитети во девет индиски сојузни држави и две федерални единици, вклучувајќи ги Делхи, Махараштра, Утар Прадеш, Асам и Западен Бенгал.
Протестите има и во јужната индиска држава Керала во која речиси 30 невладини организации повикаа на јавна непослушност и затворање на продавниците.
Властите не издадоа одобрување за одржување на протестите и приведоа најмалку 230 демонстранти.
Корисниците на социјалните мрежи ги критикуваа најпознатите ѕвезди на индиската боливудска кинематографија, вклучувајќи ги Шахрук Кан, Амир Кан и Селман Кан. Најмногу е критикуван Шахрук Кан, кој е дипломец на Универзитетот ЈМИ, и од кои студентите бараат да ги поддржи.
Врховниот суд на Индија најави дека ќе ги истражи наводите и полициското насилство врз студентите.
Причината за бранот масовни протести во Индија е реформата на Законот за државјанство, кој муслиманските имигранти ги става во подредена позиција.
Портпаролот на Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR), Џереми Лоренс, на 13 декември во Женева изјави дека е загрижен дека реформираниот Закон за државјанство на Индија е фундаментално дискриминаторски.
Тоа е прва реформа на Законот за државјанство во Индија по 64 години, со која имигрантите од соседните земји на Бангладеш, Пакистан и Авганистан, по шест години добиваат право на државјанство на Индија, но само доколку се припадници на шест верски заедници, вклучувајќи ја будистичката, хиндуистичката и христијанската.
Во Индија живеат 200 милиони муслимани и тоа е втора земја на светот по бројност на муслиманите, а критичарите на последните реформи предупредуваат дека индиските власти ги ставаат муслиманите во подредена положба на граѓани од втор ред.