Mahmut Atanur
04 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) – Телата на загинатите во земјотресот и цунамито кои го погодија индонезискиот остров Сулавеси во петокот, поради нивното гниење (распаѓање) и ризикот од заболувања, се погребуваат во масовни гробници без идентификација, јавува Anadolu Agency (AA).
Телата на жртвите од земјотресот и цунамито во Индонезија, поради недостигот од доволен број мртовечници, распаѓањето и ризикот од болести, почнаа да се погребуваат во масовни гробници. Пред да бидат погребани, од телата се земаат мали парчиња, со цел да се идентифукуваат во иднина.
Болниците во кои се собираат мртвите тела се соочуваат со хигиенски проблеми. На местата со големи урнатини, се чувствува тежок мирис како резултат на мртвите тела. Властите сѐ уште немаат направено студија за да се овозможат услови за здрав живот.
Активностите за пребарување и спасување на лицата поради недостиг на квалификуван персонал и техничка опрема се одвива многу бавно. Се претпоставува дека особено под урнатините во областите Петобо и Балароа во градот Палу постојат илјадници луѓе.
Портпаролот на Националната агенција за управување со кризи, Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека вкупниот број на загинати се зголеми на 1.424. По градови, бројот на загинатите лица е следен: Палу 1.203, Донгала 144, Сиги 64, Париги Моутонг 12 и во Пасангкају, 1 лице.
Портпаролот Нугрохо информираше дека бројот на тешко повредени е 2.549, а помошта продолжува да се испорачува во 141 точка за вкупно 70.821 лица.
Според Американскиот геолошки центар, северниот дел од земјата, островот Сувалеси, 27 километри северно од заливот Палу, го погоди земјотрес со јачина од 7,5 степени. Според локалните власти, јачината на земјотресот изнесуваше 7,4 степени. По земјотресот, градовите Донгала и Палу ги погоди и цунами со висина од 3 до 6 метри.
Индонезискиот остров Ломбок, кон крајот на јули и во август го потресоа земјотреси со интензитет меѓу 6,3 до 6,9 и 7 степени. Во несреќата животот го загубија 563 лица, а повеќе од 450.000 лица беа засегнати од земјотресот.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности. Во земјотресот што на 26 декември 2004 година ја потресе Индонезија и другите земји во регионот, со интензитет од 9,1 степен и цунамито што следуваше по него, животот го загубија 230.000 луѓе.