04 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
КАЛГАРИ (AA) - Најмалку 11 цркви се вандализирани во Калгари, Алберта, во услови на растечкиот гнев поради откривањето на необележани гробови во резиденцијалните училишта за домородни деца во Канада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Властите сметаат дека вандализмот е резултат на откривањето на необележани гробови во резиденцијалните училишта, бидејќи црквите се испишани и на ѕидовите е истурена црвена и портокалова боја. Портокаловата боја се поврзува со поранешните резиденцијални училишта.
На некои цркви е испишан и бројот 215, што е бројот на неозначени гробови пронајдени кон крајот на мај во поранешното резиденцијално училиште „Камлоупс“, во Британска Колумбија.
Во текот на изминатата недела запалени се четири католички цркви, сите беа на земјиштето на Првите нации.
Во меѓувреме, претседателот на Суверените домородни народи, Боби Камерон, и другите лидери повикаа на бојкот на црковните служби од денес, сè додека Католичката црква не им ги исплати ветените 25 милиони канадски долари на преживеаните што ги посетувале резиденцијалните училишта.
Околу 150.000 домородни деца се земени од нивните родители и принудени да престојуваат во резиденцијалните училишта низ Канада, почнувајќи од 1890-тите години. Последното такво училиште е затворено во 1996 година. Во многу случаи, децата трпеле физичко, психичко и сексуално злоупотребување. Целта на училиштата била всадување на културата на белците кај домородните деца. Се проценува дека најмалку 4.000 починале.