Mücahit Oktay
05 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
ЊУЈОРК
Во Минеаполис е одржана комеморација по повод смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше жртва на полициско насилство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комеморативната церемонија се одржа во кампусот на Универзитетот „Норт Централ“ во Минеаполис, а на неа учествуваа семејството на Флојд, неговите пријатели, локалното население, верски и политички лидери.
На комеморацијата која беше пренесувана во живо, во моментите кога возилото со погребниот сандак на Флојд се приближуваше кон објектот во кој се одржуваше церемонијата, шефот на полицијата на Минеаполис, Медариа Арадондо и заменик-комесарот Дејв О’Конор клекнаа на колено во знак на почит.
На комеморацијата се обрати цивилниот активист и политичар Алфред Шарптон, кој по долгиот говор ги повика присутните во салонот и оние пред малите екрани, во знак на почит кон Афроамериканецот Флојд кој почина од полициско насилство, откако со колено му беше притиснат вратот и остана без здив, во времетраење на тоа негово задушување да му се оддаде почит.
Присутните во салата му оддадоа почит на Афроамериканецот Флојд во времетраење од 8 минути и 46 секунди кое беше проследено со верски песни, а неговото семејство и некои присутни во салата имаа емотивни моменти.
- „Не соработувајте со злото, протестирајте против злото“
Меѓу присутните на комеморацијата беа и бранителот на човековите права и свештеник Џеси Џексон, сенаторите на Минесота, Ејми Клобучер и Тина Смит, гувернерот Тим Валц, градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, а адвокатот на починатиот Флојд, Бенџамин Крамп, имаше емотивен говор во кој истакна дека до крај ќе ги брани правата на неговиот клиент.
Крамп во својот говор рече: „Не соработувајте со злото, протестирајте против злото. Протестирајте против нечовечката тортура на видеото на кое бевте сведоци, бидејќи Џорџ Флојд заслужуваше многу подобро од тоа однесување.“
- Програма за стипендија во име на Џорџ Флојд
На комеморацијата за Афроамериканецот Џорџ Флојд, претседателот на Универзитетот „Норт Централ“, Скот Хејган, соопшти дека со цел да се даде придонес во едукацијата на Афроамериканците на Универзитетот, во чест на Џорџ Флојд отворена е програма за стипендија на која досега се собрани донации во висина од 53.000 долари.
Хејган во исто време упати повик: „Од тука сакам да им се обратам на сите универзитети. И вие, секој од вас нека започне сопствена програма за стипендија во име на Џорџ Флојд.“
Покрај првата комеморција што беше организирана во име на Флојд, на 6 јуни, сабота, втората комеморација ќе се одржи во сојузната држава Северна Каролина, додека во вторник на 9 јуни, Флојд ќе биде погребан по комеморацијата во градот Хјустон.
- Настанот кој ја предизвика смртта на Флојд
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд, беа објавени на социјалните мрежи. Полицајците тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати вели дека не може да дише, полицаецот не го крева коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд ја губи свеста, но полицаецот ја задржува истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.
Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на протестите низ државата.
Поради насилството и кражбите за време на протестите, во најмалку 40 града низ САД, меѓу кои и во главниот град Вашингтон и во Њујорк, воведена е забрана за излегување на улица во вечерните часови, а во приближно 25 града како поддршка на полицијата распоредени се припадници на Националната гарда.