Atila Altuntaş
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
СТОКХОЛМ (АА) - Муслиманите во целиот свет, кон крајот на неделата го дочекуваат Рамазан, месецот на постот, а верниците во скандинавските земји и оваа година најдолго ќе постат бидејќи периодот на пост од зори до заоѓањето на сонцето во тој дел на светот трае повеќе од 20 часа, јавува Anadolu Agency (AA).
Постот како една од петте основни должности на муслиманите е воздржување на верниците од пијалак, храна, но и од сите лоши работи од зори до заоѓањето на сонцето, па муслиманите во различни делови на светот имаат потешка или полесна задача за да ја извршат таа должност.
Муслиманите во северниот дел на Норвешка, Исланд и во Шведска, во текот на претстојните денови од Рамазан ќе постат и до 22 часот, а некои од тие градови се Кируна, Тромсо и Рејкјавик. Верниците од Стокхолм, Осло, Копенхаген, Хелсинки и од другите градови во внатрешноста на Скандинавија ќе постат до 20 часа дневно.
„Најдолгиот пост ќе биде меѓу 15 и 20 ден од Рамазанот, кога верниците во Стокхолм ќе постат 20 часа и осум минути. Во шведскиот град Кируна и во норвешкиот Тромсо, во тој период постот ќе трае 22 часа“, изјави за АА имамот на џамијата Фитја Улу во Стокхолм, Џихат Кулај.
Тој истакна дека умерените временски услови донекаде им го олеснуваат на муслиманите рамазанскиот пост, и дека муслиманите во Скандинавија за време на Рамазанот организираат голем број заеднички ифтари и рамазански програми, како и муслиманите во другите делови на светот.
Педесет и тригодишниот Муса Карадаг, возач на автобус на градскиот превоз во Стокхолм, за АА изјави дека во Шведска живеат веќе 28 години и дека му е тешко да го извршува рамазанскиот пост бидејќи работи од раните утрински часови.
На крајниот северен дел од планетата постојат и места каде што сонцето речиси никогаш не заоѓа, па муслиманите во тие градови постат според упатствата на исламските заедници. Најчесто постат според временските одредници најблиски до поголемиот дел од муслиманските земји или според распоредот во земјите од кои се доселиле.
Од друга страна, муслиманите на јужната хемисфера, во подрачјата каде што во тек е зимата, ќе постат значително помалку. Пример е Аргентина, каде што дневниот пост за време на Рамазанот ќе трае околу девет часа.
Муслиманите во земјите на Балканот за време на Рамазан ќе постат меѓу 17 и 18 часа дневно.