Во Ријад започна втората сесија од руско-американските разговори
Разговорите меѓу Русија и САД се фокусирани кон поправање на односите, решавање на конфликтот во Украина и подготовка на средбата меѓу рускиот и американскиот претседател

МОСКВА (АА) - Во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, по кратка пауза, започна втората рунда разговори на високо ниво меѓу делегациите на Русија и на Соединетите Американски Држави (САД), соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесува Анадолу.
На брифинг со новинарите во Москва, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека првата рунда траела околу 2,5 часа.
„По разговорите, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе има обраќање до медиумите“, рече таа.
Разговорите меѓу Русија и САД се фокусирани кон поправање на односите, решавање на конфликтот во Украина и подготовка на средбата меѓу рускиот и американскиот претседател.
Разговорите во палатата Дирија, чиј домаќин е Саудиска Арабија со цел поддршка на дипломатскиот дијалог, ја означуваат првата средба меѓу руските и американските дипломати од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Руската делегација ја предводи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, во која се и претседателските советници Јуриј Ушаков и Кирил Дмитриев, како и шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Од американска страна, делегацијата ја предводи државниот секретар Марко Рубио, придружуван од советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Разговорите започнаа во присуство на саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан ал-Сауд.
„Саудиска Арабија е избрана за место на средба затоа што е прифатливо за двете страни“, истакна претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека е прерано да се разговара за европско учество во преговорите за Украина.