Şeyma Uzundere
09 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Во Шри Ланка прогласен е полициски час на територијата на целата земја поради интензивирањето на антивладините протести, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), по судирот меѓу демонстрантите и приврзаниците на власта воведен е полициски час низ целата земја.
Најмалку 78 лица се повредени во денешните настани, од кои 20 во демонстрациите настанати околу зградата на премиерот.
- Премиерот Раџапакса поднесе оставка -
Се истакнува дека по зголемениот притисок од опозицијата и демонстрантите, премиерот Махинда Раџапакса поднел оставка.
„АНИ њуз“, цитирајќи локални извори, соопшти дека премиерот Раџапакса, член на владејачката Партија на народниот фронт на Шри Ланка (SLPP) и постар брат на претседателот, се повлекол од функцијата премиер по демонстрациите и притисокот на опозицијата.
Се очекува претседателот Готабаја Раџапакса да ги покани сите партии во Парламентот да преговараат за формирање нова влада.
Во главниот град Коломбо беа распоредени воени единици за да се контролира насилството.
Тиса Атанајаке, еден од функционерите на опозициската партија Обединет народен фронт (SJB), најави дека ќе дадат условна поддршка доколку се формира привремена влада.
- Антивладини демонстрации -
Група демонстранти почнаа да се собираат во близина на резиденцијата на претседателот Готабаја Раџапакса на 31 март, откако прекинот на струја траеше 13 часа.
Полицијата интервенираше врз демонстрантите со солзавец, а во некои области беше прогласен полициски час.
Претседателот Раџапакса, опишувајќи ги демонстрациите како „терористички акти“ и сметајќи дека „екстремистичките сили“ се одговорни за настаните, прогласи вонредна состојба на 1 април.
Мерките за вонредна состојба беа укинати на 5 април, но демонстрациите продолжија низ целата земја. Потоа, на 6 мај повторно беше прогласена вонредна состојба.
Се наведува дека Шри Ланка, островска земја со 21 милион жители во Јужна Азија, се бори со најтешката економска криза од 1948 година.