Sinan Doğan
06 Февруари 2024•Ажурирај: 07 Февруари 2024
БОГОТА (АА) - Власта на јужноамериканската држава Чиле објави дека најмалку 122 лица загинале во шумските пожари што ги зафатија централните и јужните делови на оваа земја, известува Анадолу.
Службата за здравство информираше дека е зголемен бројот на загинати во пожарите што продолжуваат да беснеат во градовите Валпараисо и Вина дел Мар.
Бројката на загинати се зголеми на 122, а продолжува потрагата по исчезнатите.
Од Центарот за судска медицина се наведува дека досега се идентификувани 32 лица.
Продолжуваат воздушните и копнените интервенции во гаснењето на пожарите.
Пожарите избувнаа во време на високи температури во Чиле, период на појава на Ел Нињо кој предизвика високи температури и шумски пожари во неколку земји на Латинска Америка, меѓу кои се и Колумбија, Еквадор и Аргентина.
Пожар избувна во Природниот парк „Езеро Пењуелес“, оддалечен околу 20 километри од Валпараисо.
Во соопштението на Националната служба за превенција и интервенции при катастрофи (Senapred) се вели дека огнот поради силниот ветер бргу се шири и започнати се операции за евакуација на одделни градови.
Пожарникарите ставија под контрола 40 пожари, а работат на гаснење на уште 29.
Се претпоставува дека некои пожари се „намерно“ подметнати.
Претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, прогласи вонредна состојба и соопшти дека „сите потребни ресурси“ ќе бидат ставени на располагање.