Rıyaz Khalıq
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Јапонските власти објавија дека во нивната земја има 150 пациенти кои се заразени со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според јапонската новинската агенција „Кјодо“ (Kyodo), меѓу пациентите кај кои наодите од тестирањата за коронавирус се позитивни се наоѓаат патници од бродот што беше ставен под карантин.
Јапонските официјални претставници изјавија дека околу 130 лица што се наоѓале на патничкиот брод биле позитивни на вирусот, кој досега во Кина одзеде над 900 животи.
Околу 3.700 патници и членови на екипажот од 56 земји и региони во моментот се под карантин на пристаништето во покраината Канагава, јужно од Токио.
Бродот заедно со патниците беше стопиран на пристаништето, откако било откриено дека еден патник бил заразен со вирусот.
Патничкиот брод се врати во пристанишниот град Јокохама минатиот понеделник откако пловел во градовите Кагошима, Хонгконг, Виетнам, Тајван и Окинава. Го напуштил истото пристаниште на 20 јануари.
Во меѓувреме, властите во Јужна Кореја соопштија дека бројот на потврдени случаи на коронавирус во земјата е 27.
Сепак, Центрите за контрола и превенција на болести на Јужна Кореја (KCDC) соопштија дека под карантин се ставени 809 лица.
Се смета дека вирусот се пренел на луѓето од животни, особено од лилјаците.
Освен во Кина, вирусот се прошири во над 20 земји во светот, меѓу кои и САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу земји ги евакуираа своите граѓани од градот Вухан - епицентарот на вирусот - и од други погодени области во Кина, сместувајќи ги во изолирани медицински услови.
Светската здравствена организација (WHO) ја прогласи појавата на коронавирусот за меѓународна здравствена опасност.