Erkan Avci
04 Јануари 2016•Ажурирај: 04 Јануари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Група вооружени демомнстранти веќе два дена под окупација ја држат зградата на сојузните американски власти во Орегон во знак на протест поради судската одлука на двајца фармери да им се продолжи затворската казна, која веќе ја отслужиле, поради пресудата дека намерно предизвикале пожар во 2012 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку илјади жители на градот Бурнс во сојузната држава Орегон пред два дена се собрале на мирни протести во знак на поддршка на двајца свои сограѓани, а потоа група демонстранти влегла и го окупирала комплексот на Службата за заштита на риби и дивеч.
Вооружени демонстранти тврдат дека се околу 150 лица и дека во окупираната згрдада ќе останат сè додека судот не се откаже од повторно притворање на нивните сограѓани Двајт и Стивен Хамонд.
Еден од демонстрантите, Амон Банди им кажа на новинарите дека сè уште не добиле никаква реакција од американските безбедносни сили.
Повикувајќи ги граѓаните да им се придружат, Банди порача дека целта не им е насилство, и дека, секако, ќе одговорат со сила ако таа се употреби против нив.
Истакнувајќи дека во окупираната зграда нема заложници, Банди порача дека најголем дел од демонстрантите се подготвени да се борат, ако тоа биде потребно.
Инаку, фамилијата Банди, која ги предводи протестите е позната на американската јавност по повеќегодишниот конфликт во врска со границите на пасиштата на фармите, а и минатата година биле во судир со американските власти.
Паралелно со тоа, локалниот полициски шериф Дејв Вард, во писмено соопштение ги повика граѓаните да не се приближуваат до окупираната зграда.
"Ќе се обидеме на мирен начин да ја решиме кризата. Многу агенции моментално работат на тоа. Битно е цивилите да не се приближуваат до зградата, а благовремено ќе ја известуваме јавноста за целиот случај", се наведува во соопштението.
Демонстрантите се противат на одлуката на судот во затвор да се вратат Двајт и Стивен Хамонд. Тие во 2012 година се осудени поради намерно предизвикување на пожар и отслужиле затворска казна од три месеци и година. Меѓутоа, судот сака повторно да ги затвори и да им ја продолжи казната. Во текот на судењето Хамондови признале дека намерно предизвикале пожар на ранчот, но не со цел нанесување штета, туку само се обидувале да ги заштитат своите ранчови од дивите пожари и плевелот.