Besar Ademi
30 Декември 2017•Ажурирај: 31 Декември 2017
СКОПЈЕ (AA) – Во организација на неколку невладини организации и членови на семејствата на обвинетите во случајот „Дива населба", десетици граѓани Албанци од Македонија, се собраа денеска на плоштадот „Скендербег" во Скопје за да го изразат својот револт против првостепената пресуда во наведениот случај, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите на собирот побараа случајот „Дива населба" да се врати повторно на разгледување, поради, како што велат, десетици процедурални прекршувања.
Претседателот на Здружението на политички затвореници и прогонувани Албанци во Македонија, Шпетим Положани, кој е еден од организаторите на протестот рече дека ќе продолжи да протестира додека не се поправат грешките од овој судски случај, вклучувајќи ги и други судски случаи, во кои се осудени Албанците.
„Овие процеси и сите други што се случија од независноста на Македонија имаат јасна етничка и политичка позадина", рече Положани, велејќи дека во многу случаи во кои биле осудени Албанците „одлуката била наметната врз политички мотиви".
По одржаните говори на организаторите на протестот, демонстрантите маршираа пред зградата на Апелациониот суд во Скопје, која беше опкружена со припадници на безбедносните сили. Кратко потоа, демонстрантите мирно се разотидоа.
На почетокот на ноември оваа година Кривичниот суд во Скопје ја изрече пресудата за 37 обвинети од оружената група за настаните во 2015 година во кумановската „Дива Населба“. Осуммина обвинети се осудени на доживотен затвор, четворица беа пуштени на слобода, додека на дел од останатите обвинети им беа изречени казни од 12 до 40 години затвор. Обвинетите беа осудени за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“.
Шеснаесетмина од обвинетите за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“, се државјани на Косово, еден на Албанија, еден на Германија, додека другите се Албанци од Македонија.
Потсетуваме, на 9 и 10 мај 2015 година, во „Дива Населба“ во Куманово, оружена група се судри со безбедносните сили на Македонија. За време на судирот беа убиени осум полицајци од специјалните единици на Министерството за внатрешни работи, а 40 беа повредени. Во судирот исто така, беа убиени и 10 припадници на оружената група.