Г-20 поддржа прекин на огнот во Газа и во Либан, ги поздрави иницијативите за ставање крај на војната во Украина
„Ја повторуваме нашата непоколеблива посветеност на визијата за решение со две држави, каде што Израел и палестинската држава живеат рамо до рамо во мир...“
ИСТАНБУЛ (АА) - Лидерите на Г-20 го поддржаа сеопфатниот прекин на огнот во Газа и во Либан, а ги поздравија и сите „конструктивни“ иницијативи за ставање крај на војната и постигнување траен мир во Украина, јавува Анадолу.
Изразувајќи „длабока загриженост“ за катастрофалната хуманитарна ситуација во опколената палестинска крајбрежна енклава, лидерите на Г-20, во заедничката декларација по состанокот во бразилскиот град Рио де Жанеиро, ја зголемија својата обединета поддршка за прекин на огнот во Газа и во Либан што би им овозможило на граѓаните безбедно да се вратат во своите домови.
Бразил од понеделникот е домаќин на дводневен годишен самит на лидерите на Г-20.
„Ја нагласуваме итната потреба да се зголеми протокот на хуманитарна помош, да се зајакне заштитата на цивилите и бараме укинување на сите бариери за обезбедување хуманитарна помош“, се вели во декларацијата.
Изјавата добива значење бидејќи израелскиот геноцид во Газа минатиот месец влезе во втората година, а Тел Авив ја прошири својата војна во Либан.
Во војната на Израел против Газа се убиени повеќе од 43.900 Палестинци, а повредени се речиси 104.000.
Тел Авив се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите дејства во Газа.
Истакнувајќи ги човечкото страдање и негативните влијанија од војната, лидерите на Г-20 го потврдија палестинското право на самоопределување.
„Ја повторуваме нашата непоколеблива посветеност на визијата за решение со две држави, каде што Израел и палестинската држава живеат рамо до рамо во мир, во безбедни и признати граници, во согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на ОН“, се вели во декларацијата.
Бидејќи руско-украинската војна надмина 1.000 дена од февруари 2022 година, лидерите на Г-20 го истакнаа човечкото страдање и „негативните дополнителни влијанија“ на војната врз глобалната безбедност на храната и енергијата, синџирите на снабдување, макрофинансиската стабилност, инфлацијата и растот.
Сепак, лидерите ги поздравија сите „релевантни и конструктивни иницијативи со кои се поддржува сеопфатен, праведен и траен мир, поддржувајќи ги сите цели и принципи на Повелбата на ОН за унапредување на мирни, пријателски и добрососедски односи меѓу народите“.
- Климатски промени -
Лидерите на Г-20 повторно се обврзаа за свет без нуклеарно оружје, нагласија дека кризите со климатските промени влијаат врз светот, „несразмерно оптоварувајќи ги најсиромашните и оние што веќе се во ранливи ситуации“.
„Г-20 се добро прилагодени за справување со тие предизвици преку многу потребната меѓународна соработка и политички поттик“, се вели во декларацијата.
- Повик за проширување на Советот за безбедност на ОН -
Лидерите на Г-20, исто така, повикаа да се прошири Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) кој ќе ја подобри застапеноста на недоволно застапените и незастапените региони и групи.
Во декларацијата особено е истакната потребата од застапеност на Африка, Азија-Тихоокеанија, Латинска Америка и Кариби.
„Ние ветуваме дека ќе го реформираме Советот за безбедност преку трансформативна реформа што ќе го усогласи со реалноста и барањата на 21 век, ќе го прави порепрезентативен, инклузивен, ефикасен, ефективен, демократски, одговорен и потранспарентен“, се додава во соопштението.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.