Шефот за човекови права на ОН ги осуди руските напади врз енергетската мрежа на Украина
„Овие најнови напади врз енергетските инсталации се уште еден суров удар за цивилите што веќе издржаа толку многу“
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на Обединетите нации за човекови права денес го осуди бранот руски напади врз електроенергетската мрежа на Украина во текот на викендот што им нанесе „понатамошна штета на цивилите“, јавува Анадолу.
Волкер Турк соопшти дека во ракетните напади и со беспилотните летала со долг дострел биле погодени најмалку 15 региони низ земјата, вклучително и Киев.
„Овие најнови напади врз енергетските инсталации се уште еден суров удар за цивилите што веќе издржаа толку многу“, рече Турк.
Изјавите на Турк дојдоа еден ден пред руската војна во Украина да одбележи 1.000 дена откако е започната.
„Недостигот на електрична енергија во текот на зимата ќе ги стави во сериозен ризик здравјето и благосостојбата на цивилите, особено на постарите луѓе, оние со попреченост, семејствата со мали приходи и внатрешно раселените“, рече тој.
Тој го повтори својот повик до Москва да ги исполни своите меѓународни обврски, веднаш да го прекине вооружениот напад и да ги повлече сите свои воени сили од Украина.
„Поминаа 1.000 дена со бесмислена болка и страдање од почетокот на рускиот целосен вооружен напад врз Украина“, рече Турк.
„Кршењето на човековите права стана секојдневје, како во водењето на воените дејства, така и во областите под окупација.“
Според соопштението, од почетокот на рускиот целосен вооружен напад на 24 февруари 2022 година досега убиени се најмалку 12.162 цивили, меѓу нив 659 деца, а најмалку 26.919 цивили се повредени.
Се додава дека 92 отсто од цивилните жртви се резултат на употреба на експлозивно оружје.