Recep Şakar
23 Ноември 2020•Ажурирај: 24 Ноември 2020
МЕЛБУРН (АА) - Командантот на Австралиските копнени сили, генерал полковник Рик Бур, изјави дека бил шокиран од сознанието дека австралиските војници во Авганистан намерно убиле 39 цивили, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Генералот Бур во изјава за телевизиската мрежа „Канал 9“ рече дека претходно не слушнал за овие постапки на австралиските војници ангажирани во Мисијата во Авганистан.
„Да знаев за ваквите случаи, сигурно ќе ги пријавев. Тоа е навистина страшно. Страшно е во морална смисла во нашите редови да имаме такви постапки. Јас сум шокиран од степенот на овие незаконски дејства“, рече Бур.
Тој додаде дека отфрла одредени тврдења дека извештајот за убиствата на цивилите е составен од низа гласини.
„Во извештајот се говори за веродостојни информации за голем број прашања. Ова се многу сериозни тврдења и ќе го следиме понатаму целиот процес“, рече генералот Бур.
Австралиските медиуми минатата недела објавија дека нивни војници во Авганистан убиле 39 цивили, тврдејќи дека е можно да се забележани и други случаи во кои нивните војници биле вмешани во убиствата на цивилите во таа земја зафатена од војна.
Во извештајот подготвен од главниот инспектор на Вооружените сили на Австралија, Пол Бреретон, се наведува дека австралиските војници во Авганистан намерно убиле најмалку 39 цивили.
Меѓутоа, австралиските медиуми тврдат дека постои можност австралиските војници да се вмешани во убиствата на уште поголем број цивили во Авганистан.
Џавад Завулистани, претседател на Организацијата за човекови права и демократија на Авганистан, во разговор за „Ес-би-ес њуз“ (SBS News) рече дека роднините на жртвите нему лично му кажале дека австралиските војници се вмешани во повеќе убиства во Авганистан отколку што е наведено во извештајот.
Дасти Милер, член на медицинскиот персонал во австралиските сили и еден од очевидците на настаните, исто така изјави дека споменатиот извештај е вистинит.
Австралискиот началник на Генералштабот, генерал Ангус Кембел, за јавниот сервис „Еј-би-си“ (ABC) изјави дека признава дека е можно да има повеќе такви убиства и слични инциденти во кои се вмешани австралиски војници.
Тој истакна дека според собраните податоци, поседуваат уверливи податоци дека 25 припадници на Австралиските одбранбени сили извршиле злосторства или биле вмешани во тешки злодела.
„Во име на Австралиските одбранбени сили искрено му се извинувам на народот на Авганистан за секое злосторство извршено од австралиските војници“, рече генералот Кембел.
Бреретон, кој го подготви извештајот, истакна дека пред да се појават овие случаи пред судот, потребно е федералната Влада да им исплати отштета на семејствата на жртвите во Авганистан.
Истражителите што ја водат истрагата го подготвиле извештајот врз основа на изјавите на 423 сведоци, кои говореле за однесувањето и постапките на австралиските војници во периодот помеѓу 2005 и 2016 година, и анализирале повеќе од 20.000 документи и околу 25.000 снимки и фотографии.
Во извештајот се препорачува 36 случаи да бидат проследени до австралиската федерална полиција заради спроведување кривична истрага.
Австралија има околу 400 војници во Авганистан во рамките на своите мировни напори што ги спроведува со Соединетите Американски Држави (САД) и другите сојузници.