Ayhan Şimşek
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
БЕРЛИН (АА) - Германските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвиненија против двајца сириски поранешни службеници на тајните служби поради тортура, силување и злосторства против човештвото, јавува Anadolu Agency (AA).
Анвар Р., кој беше уапсен во Германија претходно оваа година, беше обвинет од федералниот јавен обвинител за убиство во 58 случаи, како и за тортура и сексуални престапи. Неговиот колега Ејад А. беше обвинет за тортура во најмалку 30 случаи.
Европскиот центар за уставни и човекови права (ECCHR), институција со седиште во Берлин, која им помага на преживеаните од тортура, рече дека овој потег е важен чекор во борбата против неказнивост.
„Овие обвиненија испраќаат важна порака до преживеаните од системот на тортура на Асад“, рече генералниот секретар на Европскиот центар за уставни и човекови права, Волфганг Калек.
„Ќе продолжиме да работиме за да се осигураме дека главните сторители на тортура под водство на Асад се изведени пред лицето на правдата - во Германија или на друго место“, додаде тој.
Судскиот процес против двајцата поранешни службеници на тајните служби на режимот на Асад во Германија на почетокот на следната година ќе биде првото судење во светот за државните тортури во Сирија.
Анвар Р. (56) беше висок функционер на Генералниот разузнавачки директорат во Сирија до септември 2012 година, а беше осомничен дека е одговорен за систематска тортура на најмалку 4.000 лица во притворот „Ал Катиб“ во Дамаск.
Неговиот колега, 42-годишниот Ејад А., работел во сириското разузнавање во периодот меѓу јули 2011 и јануари 2012 година.