Erbil Başay
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, истакна дека е потребна долгорочна поддршка на Украина, која е во војна со Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Баербок се обрати во Генералното собрание за време на дискусиите за буџетот во Бундестагот.
Истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ја сменил својата стратегија, Баербок рече: „На почетокот мислеше дека ќе напредува многу брзо и ќе ја земе Украина. И дека сѐ ќе заврши. За среќа, не успеа во тоа.“
Министерката Баербок, наведувајќи дека бомби паѓаат врз Украинците, рече дека руските војници уништиле градови и села.
„Тоа е нова стратегија. Прво доаѓаат ракетите, потоа авионите заедно со артилериските единици, а потоа тенковите. Ова е нов бран на уништување. Тоа значи уништување на цивилизацијата во Донбас“, нагласи Баербок.
Додаде дека не го игнорираат ова и ја поддржуваат Украина со оружје: „Потребна ни е долгорочна поддршка за Украина. Потребни се повеќе испораки на оружје.“
Истакнувајќи дека Германија на Украина ќе ѝ испорача систем за воздушна одбрана од типот „Ирис-Т“, Баербок нагласи дека испораката на овој модерен систем ќе трае неколку месеци.
Меѓу другото, министерката истакна дека ќе го бранат украинскиот народ најдобро што можат.