Ayhan Şimşek
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц вети продолжение на поддршката на Берлин кон Украина, вклучително и помош во тешкото оружје, за да се изврши поголем притисок врз Русија да ја запре војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц тоа го изјави во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
„Првпат досега, Германија испорачува оружје во воена зона“, рече тој.
Шефот на германската Влада рече дека е јасно оти рускиот претседател Владимир Путин нема да пристапи кон сериозни мировни преговори додека не сфати дека не може насилно да го скрши отпорот на Украина.
„Затоа, во блиска соработка со нашите партнери и сојузници, ја поддржуваме Украина“, рече Шолц.
Тој најави дека Германија ќе продолжи да презема политички, економски и воени мерки, за да се постигне прекин на огнот и да се пронајде дипломатско решение за кризата во Украина.
Порача дека Германија и нејзините сојузници нема да прифатат мировен план диктиран од Русија.
„Мораме на Путин јасно да му ставиме до знаење дека нема да има диктиран мир. Украина тоа нема да го прифати, а нема ни ние“, порача Шолц, и додаде дека е убеден дека Русија не може да победи во војната во Украина.