Vesna Besıc
11 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
ПАРИЗ
Голем број граѓани и денеска излегоа на улиците на Париз изразувајќи го на тој начин незадоволството поради владиниот план за реформи во пензискиот систем, јавува Агенција Анадолија (АА).
На протестите во главниот град на Франција се приклучија и „Жолтите елеци“.
Според анкетите, околу 75 отсто од Францизите се против реформите во пензискиот систем или бараат да се извршат измени во реформите.
Штрајкот сериозно го наруши редот на возење во железничкиот, автобускиот, поморскиот и авиопревозот, бидејќи компаниите даваат услуги со редуциран капацитет.
Најавените владини реформи на Пензискиот фонд во Франција беа повод за протести и штрајкови кои траат од 5 декември минатата година.
Администрацијата на францускиот претседател Емануел Макрон со новиот план планира висината на пензијата да се пресметува врз основа на износот на платата во текот на целиот работен век, а не врз основа на висината на платата од последните 5 години од работната кариера. Синдикатите тврдат дека тоа ќе резултира со значително помали пензии за идните пензионери.
Планот на Макрон предвидува и измени во критериумите за сложеноста на различни професии, што на крајот би им го одзело правото на предвремено пензионирање на работниците од повеќе сектори, вклучувајќи ја тука и јавната служба.