Mohammad Sıo
10 Април 2024•Ажурирај: 11 Април 2024
ГАЗА (АА) - Голем пожар избувна вчера во складот на болницата Насер во градот Хан Јунис, во јужниот Појас на Газа, пред муслиманскиот празник Рамазан бајрам, известува Анадолу.
Цивилната одбрана на Газа соопшти дека нејзините тимови пристигнале на местото на несреќата за да го изгаснат пожарот што избувна вчера.
Во соопштението се вели дека тешко оди гаснењето и контролата на пожарот поради ограничените ресурси на екипи и уништените улици.
Од Цивилната одбрана не ги прецизираа причините за избувнувањето на пожарот.
Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени околу 33.360 Палестинци, вклучувајќи најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, а повеќе од 75.993 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 62 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во јануари донесе привремена одлука со која на Тел Авив му е наложено да ги запре геноцидните активности и да преземе мерки за да се осигура давањето хуманитарна помош на цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.