Ekipa
11 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
АТИНА (АА) - Осуммина мажи денес ќе се појават на суд, на западниот грчки остров Закинтос, под сомнение дека минатата недела пред бар го претепаа до смрт 22-годишниот американски турист, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу осомничените, шестмина се државјани на Србија, еден од Грција и еден е од Велика Британија, со српско потекло.
Тие треба денес наутро да се појават пред истражниот судија, кој ќе одлучи дали ќе останат во притвор или ќе бидат ослободени со кауција.
Сите се обвинети за убиство со умисла, за што е предвиден и доживотен затвор.
Бакари Хендерсон од Остин, Тексас, беше претепан до смрт во петокот изутрина, пред бар во Лагана, туристичка област на Закинтос каде што често се случуваат насилства.
Сѐ уште не е позната причината поради која избувнала тепачката.
Грчките власти објавија дека Хендерсон претрпел голем број удари и починал од тешки повреди на главата.