Michael Hernandez
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека од клучно значење е да се избегнат вооружените напади во северозападната сириска провинција Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нападите би предизвикале огромна хуманитарна катастрофа каква што не е видена во повеќегодишниот крвав конфликт во Сирија. Тој регион не смее да се претвори во река од крв“, им изјави на новинарите првиот човек на ОН, Гутереш, во седиштето на ОН во Њујорк.
Од ОН предупредуваат дека од почетокот на месецот, во Идлиб интерно се раселени најмалку 30.000 лица од локалното население, кое бега од воздушните напади и артилериските гранатирања што ги изведуваат руската Војска и силите приврзани на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Гутереш укажа и на фактот дека повеќе од половината од околу три милиони цивили во Идлиб се бегалци, кои од почетокот на војната ги напуштиле своите домови и нашле засолниште во тој регион.
„На тоа подрачје има околу 1 милион деца. Загрозени им се животите и немаат повеќе каде да бегаат. Јасно ми е дека моменталната ситуација во Идлиб не е одржлива и дека не може да се толерира присуството на терористите во тој регион, но ниту борбата против терористите не ги ослободува страните од почитувањето на меѓународните обврски и норми“, рече Гутереш.
Тој додаде дека од клучно значење е Турција, Русија и Иран да вложат дополнителни заеднички напори во смирувањето на ситуацијата во Идлиб, која во секој момент би можела да излезе од контрола и да предизвика невидени последици на глобално ниво.