Rania R.a. Abushamala
11 Јуни 2024•Ажурирај: 12 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денес ги повика Израел и Хамас да постигнат договор околу предложениот прекин на огнот што го претстави претседателот на САД, Џо Бајден, известува Анадолу.
„Ја поздравувам мировната иницијатива што неодамна ја изнесе претседателот Бајден и ги повикувам сите страни да ја искористат оваа можност и да постигнат договор“, рече Гутереш на Конференцијата за итна помош во Јордан.
Шефот на ОН ја опиша како жална актуелната ситуација во Појасот Газа.
Гутереш, исто така, го повика и остатокот од светот да биде обединет во заштитата на УНРВА - Агенцијата за палестински бегалци, пред нечуените и безмилосни напади што ги претрпе последните месеци.
„УНРВА е столбот на овој хуманитарен одговор и неподносливо патеше заедно со луѓето што ги поддржува“, порача Гутереш.
Тој додаде дека брзината и размерот на масакрите и убиствата во Газа го надминуваат сѐ она што го видел во својот животен век и мандат како генерален секретар на ОН.
Израел од 7 октомври минатата година спроведува континуирани напади на Појасот Газа во кои досега има убиено повеќе од 37.100 Палестинци, главно жени и деца, и повреди близу 84.700.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од 1 милион Палестинци побараа засолниште од војната.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.