03 Јули 2021•Ажурирај: 04 Јули 2021
ВИНИПЕГ (АА) - Демонстрантите во Канада ја срушија статуата на кралицата Викторија поради растечкиот гнев од откривањето на необележани гробови во три резиденцијални училишта за домородни деца во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По маршот во чест на преживеаните и жртвите на канадскиот училишно-резиденцијален систем, демонстрантите вчера ја срушија статуата пред Законодавниот дом на Манитоба во Винипег.
Одбележувањето на Денот на Канада, на 1 јули, беше засенето од застрашувачката вест за откриените 1.148 необележани гробови на местата на три поранешни резиденцијални училишта за деца Индијанци.
Првото резиденцијално училиште е отворено во 1820-тите години, а во земјата имало вкупно 139 вакви училишта - последното е затворено во 1996 година. Целта на училиштата била учениците да ја прифатат културата на белците.
Околу 150.000 деца на Првите нации (Индијанци на просторите на Канада), од Метисите и Инуитите престојувале во интернатските училишта, многу често насилно земани од нивните родители. Преживеаните раскажуваат застрашувачки приказни за физичко, психичко и сексуално злоупотребување.