Turgut Alp Boyraz
10 Декември 2017•Ажурирај: 10 Декември 2017
ТЕЛ АВИВ (АА) - Десетици илјади Израелци излегоа на улиците на главниот град Тел Авив за да го искажат своето незадоволство кон изралескиот премиер Бенјамин Нетанјаху, против кого е покрената истрага за корупција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на истрагата, Нетанјаху веќе шестпати е сослушуван во полиција. Минатиот викенд на улиците на Тел Авив имаше околу 30.000 граѓани, а најмалку толку беа и на протестот овој викенд наречен „Прошетка на срамот“.
Демонстрантите се собраа на булеварот „Ротшилд“ во Тел Авив, а носеа транспаренти „Крај на корупцијата“, „Ниту сме левичари, ниту десничари, туку праведни“, „Губи се Нетанјаху“. Често можеа да се слушнат и паролите „ Затвор за Нетанјаху“.
Демонстрантите се противат на нацрт-законот во Израел, според кој на полицијата би ѝ се ускратиле одредени овластувања. Тие тврдат дека целта на овој нацрт-закон е спасување на Нетанјаху од истрагата за корупција.
Нетанјаху се огласи минатата недела во врска со обвиненијата, и порача дека нацрт-законот нема да се однесува на истрагите кои се во тек.
Кога станува збор за истрагата, за израелскиот премиер постојат обвиненија дека земал мито од претприемачи, преговарал со шефови на одредени медиуми да објавуваат медиумска содржина во негова корист, како и за корупција во врска со купување на подморници од Германија.