Michael Gabriel Hernandez
22 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Лари Елдер, афроамерикански радиоводител кој долго време беше потпора на конзервативците, официјално влезе во трката за Белата куќа, со што стана уште еден републиканец кој ќе го предизвика Доналд Трамп за номинација на нивната пратија за претседателските избори во САД 2024 година, пренесува Анадолу.
Елдер, кој го привлече вниманието на целата земја кога во 2021 година го предводеше неуспешниот обид за соборување на калифорнискиот гувернер Гавин Њусом од функцијата, го објави тоа во четвртокот навечер во интервју за „Фокс њуз“.
„Америка е во пад, но овој пад не е неизбежен. Тоа е избор што го направија одделни и цинични политичари. Како жител на Калифорнија, од прва рака имав можност да видам како децении на владеењето на демократите го претворија Голден стејт, за многумина, во недостапна дистопија“, рече Елдер.
Тој истакна дека нема да дозволи „да ѝ го сторат тоа и на Америка“.
„Можеме да влеземе во нова американска златна доба, но мораме да избереме лидер кој може да нè однесе дотаму. Затоа се кандидирам за претседател“, посочи Елдер.
Елдер е последен на листата на републиканците кои ја бараат поддршката од партијата за номинација на претседателските избори 2024 година. Освен него, меѓу републиканските кандидати се и поранешниот претседател Доналд Трамп, поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации (ОН), Ники Хејли, долгогодишниот политичар Аса Хатчинсон, бизнисменот Пери Џонсон и извршниот директор на фармацевтска компанија, Вивек Рамасвами.