Ihvan Radoykov
01 Јули 2022•Ажурирај: 03 Јули 2022
СОФИЈА (АА) ‒ По одлуката на премиерот на бугарската Влада во оставка, Кирил Петков, да протера 70 дипломати кои работат во Амбасадата на Руската Федерација во Софија, дипломатските односи меѓу двете земји дојдоа до точка да бидат прекинати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, спротивставувајќи се остро на одлуката, на Бугарија ѝ даде време до 12 часот да го повлече барањето за прогласување на дипломатите за персона нон грата, без притоа да може да приговара. Во спротивно, амбасадорката најави дека ќе направи понуда до Москва да ги прекине дипломатските односи.
Митрофанова, која беше во консултации со бугарското Министерство за надворешни работи, истакна дека бугарско-руските односи дошле до точка на прекин откако не го доби одговорот што го очекуваше.
Митрофанова на профилот на една од социјалните мрежи на Амбасадата на Руската Федерација во Софија напиша:
„За жал, нашиот повик до Министерството за надворешни работи на Република Бугарија беше игнориран. Според тоа, во присуство на високата администрација на мојата држава, ќе предложам да се затвори Руската амбасада во Софија. Како резултат на тоа, Бугарската амбасада во Москва неизбежно ќе биде затворена.“
Митрофанова, исто така, нагласи дека Владата на Кирил Петков ќе одговара за уште построгите мерки што Русија во иднина ќе ги преземе кон Бугарија.
Петков, во изјавата за медиумите рече дека Бугарија е суверена земја.
Посочувајќи дека е против тоа Русија да се меша во внатрешните работи на неговата земја, Петков ја советува Русија „да ги повлече своите барања за кои не можат да се поднесат приговори“.
‒ Проруските сили презедоа акција во Бугарија
Политичките кругови на Русија, која има голема дијаспора и силно лоби во Бугарија, почнаа да го бранат ставот на Митрофанова.
Лидерката на проруската Бугарска социјалистичка партија (БСП), коалициониот партнер на Владата на Кирил Петков во оставка, Корнелија Нинова, во својот говор во Парламентот побара Бугарија да ги прифати условите што ги донесе Русија.
Нинова рече дека Бугарија нема да може да купува нафта доколку се прекинат дипломатските односи.
Костадин Костадинов, лидерот на партијата Преродба, која е во опозиција во бугарскиот Парламент и безусловно ги брани интересите на Русија, изјави дека ќе се спротивстават на одлуката за отпуштање на 70 руски дипломати и ќе поднесат кривична пријава.
Близок став кон ставот на Митрофанова имаше и претседателот Румен Радев, кој беше избран како кандидат на комунистичката БСП. Тој рече дека Претседателството не е информирано дека „шпионираат“ 70-те дипломати прогласени за персона нон грата.
„Оваа одлука може негативно да се одрази и на дипломатското претставништво на Бугарија во Москва“, додаде Радев.
‒ Петков поднесе оставка
Кирил Петков, премиерот на бугарската Влада, кој поднесе оставка, на 28 јуни најави дека ќе депортира 70 дипломати на Руската Федерација кои работат во Софија, прогласувајќи ги за персона нон грата.
„Очекуваме руски авион со капацитет од 70 патници да отпатува за Москва в недела [3 јули]“, изјави Петков за медиумите во Парламентот.