Ekipa
01 Март 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Хоуп Хикс (29), директорката за комуникации на Белата куќа и една од најблиските соработнички на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, најави дека поднесува оставка на таа функција, јавува Anadolu Agency (AA).
Долгогодишната советничка на Трамп заминува еден ден по деветчасовното затворено сослушување на Конгресниот одбор за разузнавање, кој спроведува сопствена истрага за наводното мешање на Русија во претседателските избори во 2016 година.
Хикс е четвртaта личност што ја извршувала функцијата директор за комуникации во администрацијата на Трамп, и ова е уште еден удар за претседателот чиј потесен круг на советници се намалува поради оставки.
Хикс во средата го информираше американскиот претседател за нејзиното заминување, а во соопштението објавено од страна на Белата куќа, Трамп ја пофали нејзината работа во изминатите три години, наведувајќи дека таа ќе му недостасува на неговиот тим.
Портпаролот на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, изјави дека Хикс ќе остане уште неколку недели на функцијата, и ги негираше наводите дека причината за оставката е повеќечасовното сослушување од страна на Конгресот за разузнавање.
„Ова е нешто за што таа долго време размислуваше“, рече Сандерс.