Sibel Uğurlu
12 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Извршниот директор на компанијата за давање превозни услуги „Убер“, Дара Косровшахи, доцна синоќа изјави дека ќе се повлече од големата бизнис-конференција во Саудиска Арабија, бидејќи во прашање се наоѓа улогата на оваа земја во случајот со исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, објави „Си-ен-ен Бизнис“ (CNN Business), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Многу сум загрижен поради досегашните извештаи во врска со Џамал Кашоги“, изјави Косровшахи во соопштение.
„Ја следиме ситуацијата одблизу, и доколку не се појави суштински поинаква целина од факти, јас нема да присуствувам на конференцијата „FII“ во Ријад“, додаде тој.
Во соопштението се истакнува дека неговата објава е важна затоа што суверениот фонд за богатство на Саудиска Арабија е голем акционер во „Убер“, со инвестиција од 3,5 милијарди долари на почетокот од давањето на услугите за возење во 2016 година.
Домаќин на бизнис-конференцијата насловена „Иницијатива за инвестирање во иднина“ е саудискиот принц Мухамед бин Салман, а претставува дел од неговиот план „Визија 2030“ за разбивање на зависноста на земјата од нафта.
„Косровшахи на тој настан требаше да зборува за иднината на транспортот“, се вели во соопштението.
Косровшахи е најновото лице од висок профил кое се повлече од конференцијата поради зголемената загриженост во врска со исчезнувањето на новинарот Кашоги, кој, исто така беше критичар и на саудиската власт. Други големи имиња, кои, исто така се повлекоа се извршниот директор на „Viacom“, Боб Бакиш и Ариана Хуфингтон, која е коосновач на „The Huffington Post“, пишува во соопштението.
Британскиот милијардер Ричард Брансон вчера исто така изјави дека ги прекинува деловните врски со саудиската Влада поради исчезнувањето на Кашоги.
Брансон и неговата група „Вирџин“ ги прекинаа преговорите со Саудиска Арабија за предложената инвестиција од 1 милијарда долари во вселенските компании на „Вирџин“.
Тој изјави дека исто така се откажува од својата улога на директор од два саудиски проекта за туризмот.
„Доколку се докаже како точно она што се случи во Турција во врска со исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, очигледно ќе ја промени можноста на секого од нас на Запад да прави бизнис со саудиската Влада“, изјави Брансон.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.