Ekipa
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Владата на Малезија соопшти дека резултатите од ДНК тестoт го потврдиле идентитетот на Ким Јонг-нам, кој беше убиен минатиот месец на аеродромот во Куала Лумпур, јавува Anadolu Agency (AA).
Ким Јонг-нам е полубрат на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, а малезиската полиција претходно соопшти дека на 13. февруари на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур го убиле две жени, нанесувајќи му ја на лицето отровната супстанца VX.
„Уште еднаш потврдувам дека телото на убиениот припаѓа на Ким Јонг-нам. Тоа го потврди и ДНК тестот спроведен со примероци земени од неговото дете“, изјави денеска малезискиот заменик-премиер Ахмед Захид Хамиди.
Хамиди рече дека примероците на ДНК потребни за тестирање се собрани во согласност со меѓународната форензичка процедура, но не откри како и каде малезиските власти го нашле синот на убиениот.
На почетокот на овој месец 21-годишно момче објави видео на интернет тврдејќи дека е син на убиениот Ким Јонг-нам и дека е заедно со мајка му и сестра му.
Јужнокорејската разузнавачка служба тврди дека снимката е автентична, но и понатаму не е познато каде се наоѓа ова семејство.