Ekipa
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ЏАКАРТА (АА) – Сообраќајниот метеж во главниот град на Индонезија, Џакарта, за многу луѓе стана извор на приходи, јавува Anadolu Agency (AA).
Индонезискиот главен град Џакарта, каде што живеат околу 27 милиони луѓе, е познат како еден од градовите со најгуст сообраќај во светот. Несоодветната инфраструктура на градот предизвикува сообраќајот да биде речиси целосно заглавен во текот на работното време.
Некои луѓе сообраќајниот метеж го претвораат во можност.
Тие во густиот сообраќај им нудат помош на тие што сакаат да вртат полукружно, иако тоа е илегално.
Помагајќи им на возачите да завртат полукружно во густиот сообраќај, каде што тоа е речиси невозможно, луѓето добиваат бакшиш од возачите и така заработуваат за живот. Нивните приходи нараснуваат во текот на неделата кога има метеж во периодите при одење и враќање од работа.
- Мобилна бензиска пумпа -
Од друга страна, некои жители на Џакарта го користат недостатокот на бензиски пумпи во градот како во можност да заработат.
Бензин во шишиња од еден литар се продава на тезги поставени покрај патиштата.
Возачите кои се при крај со горивото можат да се снабдат со бензин од мобилните продавачи, кои ги има речиси на секој километар.
Цената на бензинот во Џакарта е половина долар за литар, а кај мобилните продавачи цената е за 20 отсто повисока.
„Уште од дете го работам ова. Возачите што не можат да стигнат до бензиска пумпа во метежот мораат да купат бензин од кај нас. Од продавање бензин заработувам околу 350 американски долари месечно“, истакна Мас Андри, кој веќе 10 години продава бензин на својата тезга.
- Безбедносни проблеми во железничкиот транспорт -
Безбедносните проблеми во железниците исто така станаа извор на приходи за жителите на Џакарта.
Во главниот град има многу премини преку пругата, но не постои некаков систем за предупредување.
Луѓето што поставиле рампи на премините преку пругата, особено на премини што се близу до населените места, ги запираат возачите и пешаците кога поминува воз, и со тоа добиваат бакшиш за работата што ја вршат.
Во Џакарта, особено во работното време, краткото патување со возило понекогаш трае речиси неколку часа.
Несоодветната инфраструктура, тесните патишта, недостатокот на услуги во железничкиот транспорт се меѓу најважните причини на сообраќајниот метеж во градот.