ПАРИЗ (АА) - Преговорите започнати од лидерите на Германија, Франција, Русија и Украина според „Нормандски формат“, со цел да се најде решение за кризата на истокот на Украина, продолжија по 3 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На самитот на лидерите домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон. Средбата се одржа во Елисејската палата.
Пред самитот, рускиот претседател, Владимир Путин, и украинскиот претседател, Владимир Зеленски, имаа одделни билатерални средби со германската канцеларка, Ангела Меркел, и со францускиот претседател Макрон.
По самитот на четворицата лидери, што траеше повеќе од два часа, Путин и Зеленски за прв пат одржаа тет-а-тет средба. Како одговор на прашањето на новинарите, Путин рече дека е задоволен од средбата.
Лидерите се состанаа повторно за време на вечерата и го одржаа вториот дел од самитот. По самитот што траеше 5,5 часа, Макрон, Меркел, Путин и Зеленски одржаа заедничка прес-конференција и одговараа на новинарски прашања.
По самитот, исто така, беше објавена заедничка декларација составена од 3 поглавја: „Итни мерки за стабилизирање на областа на конфликтот“, „Мерки за спроведување на политичките одредби од договорите од Минск“ и „Следни чекори што треба да се преземат“.
- „Ги поздравувам напорите на Зеленски“ -
Францускиот претседател Макрон, истакнувајќи дека состанокот бил продуктивен, рече: „Ги поздравувам напорите на претседателот на Украина да донесе мир на истокот на неговата земја.“
„За време на средбата се разговараше за размената на заробеници меѓу Русија и Украина и прекинот на огнот“, рече Макрон, и додаде дека се надева дека новите разговори во Нормандски формат ќе се одржат по 4 месеци.
Макрон истакна дека средбата во Париз одржана по подолго време е важен чекор за воспоставување мир во регионот.
- „Го надминавме застојот“ -
Германската канцеларка Меркел, истакна дека е задоволна од резултатите од состанокот. „Денес го надминавме периодот на застој.“
Меркел, истакнувајќи дека на состанокот се согласиле за реални нешта, рече дека ќе продолжат по тој пат.
Таа наведе дека прекинот на огнот на истокот на Украина до крајот на годината е многу амбициозна цел, и дека е многу важно добро да се надгледува примирјето.
„Треба да се воспостават политички и безбедносни услови за да можат да се спроведат локалните избори во Украина“, рече Меркел, истакнувајќи дека на средбата се здобила со впечатокот дека има добра волја за решавање на тешките прашања.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека на самитот постигнале договор за прекин на огнот во источниот дел на земјата до крајот на годината.
„Денес Украина, Германија, Франција и Русија се договорија за итни мерки за стабилизирање на безбедносната состојба. Договорен е пред крајот на 2019 година целосен прекин на огнот во истокот на Украина“, нагласи Зеленски.
Посочувајќи дека на самитот е разговарано и за прашањето за размена на затвореници меѓу Украина и Русија, Зеленски рече дека на 24 декември или најдоцна до крајот на месецот ќе се реализира размената.
Зеленски го нарече договорот победа и додаде: „Во однос на размената се согласивме за формулата „сите за сите“. Тоа беше напишано и во Минск. Но сега се согласивме за датумот. Верувам дека тоа ќе биде реализирано до крајот на годината.“
Од друга страна, Зеленски нагласи дека страните разговарале за потребата од нов план за деминирање на источните региони на Украина.
- „Постојат многу работи што не се решени“ -
Наведувајќи дека ќе инсистира контролата на границите со Русија на истокот на Украина да биде предадена на Киев, Зеленски рече: „На оваа тема ќе се навратиме на самитот на лидерите што ќе се одржи по 4 месеци.“
Зеленски, посочувајќи дека Киев нема да дозволи измени на Уставот за федерализација на земјата, рече дека различните мислења со Русија продолжуваат.
- „За жал, има многу прашања што не можевме да ги решиме денес“ -
Подвлекувајќи дека нема да го прифати прашањето за федерализација на Украина, Зеленски рече дека нема да се откажат од унитарната структура на државата.
За средбата со рускиот лидер Путин, Зеленски рече: „Средбата со Путин ја сметам како голем чекор кон мирот. Ако тоа не го сакавме, никој од нас немаше да дојде овде.“
- Акцент на усогласување со договорите од Минск -
Рускиот претседател Путин ја истакна потребата од спроведување на договорите од Минск.
„Која е потребата одново да се пишуваат договорите од Минск? Секој член од договорите од Минск е поврзан еден со друг. Ако промениме некој член, ќе треба да ги промениме и другите членови“, нагласи Путин.
Тој истакна дека треба да се направат неопходните измени во Уставот на Украина за давање посебен статус на регионот Донбас.
Путин го поздрави оддалечувањето на силите и возилата од линијата на фронтот и додаде: „Ова е навистина важен чекор за намалување на тензиите на југоистокот на Украина и за постигнување сеопфатен прекин на огнот.“
Рускиот претседател, исто така, рече дека треба да се донесе одлука за амнестија на оние што се вклучени во конфликтот во источна Украина и дека треба да се направи размена на притворените.
Истакнувајќи ја потребата да се зголеми бројот на премини меѓу двете земји, Путин нагласи: „Треба да ги забрзаме постапките за контрола што траат со часови и да ги обезбедиме потребните услови за премин на илјадници луѓе. Договорите што ги склучивме треба да го олеснат животот на луѓето.“
Тој подвлече дека билатералните односи меѓу Русија и Украина стануваат подобри. „Се сретнавме и постигнавме напредок во многу области. Сето тоа ни дава да размислуваме дека процесот се развива во вистинска насока.“
Путин нагласи дека ќе дадат сè од себе за да ја решат кризата на истокот на Украина.
„Страните треба да воспостават дијалог едни со други и да се договорат. Ниту едно прашање не може да се реши без дијалог“, додаде Путин.
Путин, осврнувајќи се на прашањето за снабдувањето со природен гас меѓу Русија и Украина и за испраќањето руски гас во Европа преку Украина, рече: „Имаме гас и ако се договориме може да биде 25 отсто поевтин.“