Almir Terzic
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
САРАЕВО (АА) - Домот на народите на Парламентарното собрание (ПС) на Босна и Херцеговина (БиХ) на денешната седница едногласно ја усвои одлуката со која ја повика Европската комисија, Советот на Европа и Европскиот парламент, по забрзан процес да ѝ додели на Босна и Херцеговина кандидатски статус за членство во Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што појасни претседавачот со Домот на народите на ПСБиХ, Драган Човиќ, кој предложи донесување на одлуката, истакна дека тоа би го реафирмирало европскиот пат на Босна и Херцеговина.
Младен Босиќ, делегатот во Клубот на српскиот народ, смета дека предлогот на одлуката е лицемерен, бидејќи Парламентарното собрание на БиХ не функционира, односно не може да донесе ниту една одлука од значење за граѓаните кои ги претставува.
„Мислам дека се работи за популизам и свртување внимание од важни работи. Денеска на дневен ред се пет-шест точки од области кои се битни во исполнување на условите од Мислењето на Европската комисија. Тука имаме шанса да покажеме јасна определба“, нагласи Босиќ.
Делегатот во Клубот на бошњачкиот народ, Денис Беќировиќ, изрази разочарување што Домот на народите на ПСБиХ денеска не ја прифати неговата иницијатива да се донесе одлука за тоа Босна и Херцеговина да ги следи ставовите на ЕУ во случајот на „агресијата на Русија врз Украина“.
„Путин во Москва и Лукашенко во Минск можат да бидат задоволни со денешното гласање во Домот на народите на ПСБиХ, бидејќи во БиХ се определивме да останеме во малцинскиот дел од светот, заедно со Северна Кореја, Еритреја и Сирија, кои не ги осудија случувањата во Украина на адекватен начин“, истакна Беќировиќ.
ЕУ претходно наведе дека се очекува Босна и Херцеговина да исполни 14 барања од Мислењето на ЕК за на БиХ да ѝ се додели кандидатскиот статус. БиХ во 2016 година поднесе официјално барање за членство во ЕУ.