Ekipa
15 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
МАНИЛА (AA) - Филипинскиот претседател Родриго Дутерте изјави дека им издал наредба на трупите да ги бомбардираат припадниците на тероростичката организација Aбу Сајаф, кои по киднапирањето на море бегаат со своите заложници, нарекувајќи ја загубата на цивилните животи во таквиот напад колатерална штета, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дутерте претходно изјави дека им кажал на своите индонезиски и малезиски колеги дека постои можност нивните сили да ги бомбардираат киднаперите на морнари кои со заложниците се враќаат во своите засолништа во јужниот дел на Филипините. Во саботата изјави дека истите наредби ги дал и на филипинските сили.
Тој им нареди на воената морнарица и крајбрежната стража доколку има киднапери кои се обидуваат да побегнат, сите да ги бомбардираат.
„Тие велат ,заложниците'. Жал ми е, колатерална штета“, рече Дутерте во говорот што го одржа на деловните луѓе во градот Давао, своето родно место на југот од земјата.
Дутерте им понуди совет на потенцијалните жртви на киднапирање, порачувајќи им да не дозволат да бидат киднапирани.
Групата Aбу Сајаф, наоружана со импровизирани експлозивни направи, минофрлачи и автоматско наоружување, од 1991 година изведуваше бомбашки напади, киднапирања, убиства и изнуди во самопрогласената борба за независност на Филипини.