Ekip
09 Декември 2022•Ажурирај: 10 Декември 2022
ОВИЕДО (АА) - Лидерите на девет јужни земји на ЕУ и шефовите на Европската комисија и Европскиот совет ќе се соберат денеска попладне во шпанскиот град Аликанте на деветтиот Самит „ЕУ Мед-9“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Урсула фон дер Лајен, Шарл Мишел и лидерите на Хрватска, Администрацијата на кипарските Грци, Франција, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија ќе разговараат за прашањата како што се енергијата и климатските промени.
Сите земји требаше да бидат претставени од највисоките државни претставници, меѓутоа, денеска од канцеларијата на италијанската премиерка Џорџија Мелони е соопштено дека таа нема да може да присуствува бидејќи заболела од грип. На нејзино место ќе дојде италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани.
Овогодишниот Самит првично беше планиран за крајот на септември, но беше откажан во последен момент откако шпанскиот премиер Педро Санчез беше позитивен на тестот за Ковид-19.
Во 2021 година турското Министерство за надворешни работи силно ја критикуваше заедничката декларација издадена од група јужни држави на ЕУ поради тоа што е „еднострана“ и одвоена од реалноста за прашања како што се Кипар и миграцијата.
Заедничката изјава се очекува да биде објавена вечерва.
Лидерите на Шпанија, Португалија и Франција, исто така, ќе се сретнат пред Самитот, за да разговараат за предложениот гасовод што ќе ги поврзува Барселона и Марсеј.