Zehra Nur Düz
09 Декември 2022•Ажурирај: 10 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер денеска пристигна во Соединетите Американски Држави (САД) по излегувањето од руски затвор, јавуваат медиумите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Авионот во кој беше ѕвездата на американската Женска национална кошаркарска асоцијација на (WNBA), Бритни Гринер, пристигна утринава на „Кели Филд“ во Сан Антонио, Тексас“, објави „Си-ен-ен“ (CNN).
Во размената на затворениците меѓу САД и Русија, Гринер беше ослободена во замена за озлогласениот руски трговец со оружје, Виктор Бут, кој беше затворен во САД.
Бут беше уапсен во Тајланд во 2008 година под обвинение за илегална испорака на оружје, по што беше екстрадиран во САД и осуден на 25 години затвор.
Гринер беше уапсена во февруари на Аеродромот „Шереметјево“ во Москва под обвинение за нелегален увоз на масло од хашиш во Русија и беше осудена на 9 години затвор.