Ekipa
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
КАИРО (АА) - Египетски воен извор денес ги негираше наводите во врска со распоредувањето на руски специјални сили во воздухопловната база во западниот дел на Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од САД и од безбедносни извори, Москва распоредила специјални сили и беспилотни летала во воздушната база Сиди Барани, на околу 100 километри од египетско-либиската граница.
Наводното распоредување на трупите е со цел да се обезбеди поддршка за силите лојални на воениот командант Халифа Хафтар, кој се наоѓа во источна Либија. Силите на Хафтар се соочија со неуспех против трупите приврзаници на Бригадите за одбрана на Бенгази, во либиската област позната како „нафтена полумесечна“.
„Извештаите се неточни“, вели анонимниот извор за АА.
„Египет е суверена земја и не прифаќа распоредување на странски трупи на нејзината територија“, вели тој.
Во октомври, египетското претседателство ги негираше извештаите во врска со египетско-руските преговори за да ѝ се дозволи на Москва да влезе во воздухопловната база во западен Египет.
„Египет нема да дозволи присуство на странски воени бази на својата територија“, вели портпаролот на претседателството Aлa Јусеф.
Египетско-руските односи значително се подобрија откако претседателот Абдел Фатах ал-Сиси дојде на власт во 2014 година, по соборувањето на неговиот претходник Мухамед Морси во воениот удар една година претходно.