Adem Şalvarcıoğlu
22 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Овошните лилјаци кои го пренесуваат вирусот Нипах се причина за смртта на 10 лица во Индија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена во „Тајм оф Индија“, во индиската држава Керала настанала паника откако поради епидемија на вирусот Нипах, во рок од една недела починале 10 лица, а околу 100 лица се наоѓаат во карантин поради контакт со починатите.
Во државата Керала, стотици лица се упатиле во болниците поради симптоми на висока температура.
Болниците соопштуваат дека меѓу пријавените пациенти, шестмина се во сериозна состојба, додека 20-мина се под надзор.
Според Светската здравствена организација (СЗО), сѐ уште не постои вакцина за вирусот Нипах.
Познато е дека со превентивни мерки и рано лекување, можно е опаѓање на температурата и делумно намалување на тежината на болеста, но тоа не ја спречува смртта.
Што е вирусот Нипах?
Иако по заразувањето со вирусот Нипах кај некои луѓе веднаш не се појавуваат неговите карактеристични симптоми, заболените се жалат на висока температура, главоболка, болки во грлото и мускулите, симптоми кои наликуваат на грип. Во наредната фаза доаѓа до вртоглавица, замор и промена на свеста.
Овој вирус за првпат е забележан во подрачјето Нипах во Малезија како епидемија, а постојат тврдења дека тој претставува еден вид биолошко оружје.
Вирусот Нипах е најзастапен во Сингапур, Малезија и Бангладеш. Се истакнува дека овошниот лилјак го пренесува на урмите, а преку нив и луѓето се заразуваат со него.