Ömer Yetkin Acar
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
САО ПАОЛО (АА) - Најмалку 51 лице починаа од епидемија на опасното вирусно заболување жолта треска во Бразил, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за здравство на Бразил соопшти дека во изминатите 24 часа починале две лица заболени од жолта треска во сојузната држава Минаш Жераис, а три лица во Сао Паоло, со што билансот на починатите во изминатите неколку дена е зголемен на 51 лице.
Во соопштението се наведува дека жолтата треска досега е регистрирана во 80 населени места, меѓу кои 55 населби во сојузната држава Минаш Жераис.
Министерството за здравство на бразилската сојузна држава Минаш Жераис исто така соопшти дека во тој регион досега од жолта треска починале 44 лица. Во овој регион досега болеста е дијагностицирана кај 126 пациенти, а уште 584 лица со слични симптоми се хоспитализирани и се подложени на тестови.
Епидемијата на жолта треска ја погоди и сојузната држава Еспирито Санто, во која досега е дијагностицирана кај 37 пациенти, од кои едно лице почина.
И во Сао Паоло починаа најмалку шест лица заразени со жолта треска, а 17 пациенти се хоспитализирани.
Во рамките на борбата против жолтата треска, бразилското Министерство во ризичните региони испрати 5,5 милиони дози вакцина, а наскоро се очекуваат и дополнителни шест милиони вакцини.
Жолтата треска е тешка акутна вирусна болест којашто се пренесува преку комарци, крлежи и други паразити. Како последица на оштетувањето на малите крвни садови и нарушувањето во коагулацијата на крвта, оваа болест доведува до крварење во органите, а се нарекува „жолта“ бидејќи кај одреден број пациенти доведува до појава на жолтица. Заразата тешко се дијагностицира во првите фази по заразувањето, и воглавно постои закана да се прошири во Африка и во Јужна Америка. Некои од стандардните симптоми што се јавуваат кај заразените пациенти се: покачена телесна температура, болка во мускулите, малаксаност и несвестици.
Активната имунизација, односно вакцината против жолта треска е достапна за луѓето веќе 70 години, и е заслужна за значајното редуцирање на ширењето на болеста. Сепак, жолтата грозница е опасна и потенцијално смртоносна болест, а Светската здравствена организација (СЗО) препорачува секоја земја што е под ризик од оваа болест да има барем една национална лабораторија каде што можат да се извршат основните тестирања.