Ekipa
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Безбедното враќање на бегалците и воспоставувањето трајна стабилност во Сирија е подеднакво важно како и борбата против тероризмот, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на првиот Глобален форум за бегалци во Женева, турскиот претседател рече дека треба да се спроведат формули за задржување на бегалците на своите територии и за враќање на оние кои се наоѓаат во Турција.
Ердоган истакна дека Турција моментно е домаќин на 5 милиони бегалци, од кои 3,7 се Сиријци, и дека Турција никогаш присилно не вратила во земјите од каде што потекнуваат ниту еден од нив.
„Додека земјите со многу поголеми можности зборуваат за квоти за бегалци, Турција им подаде рака на сите, без никаква дискриминација“, истакна турскиот претседател.
„Европската Унија на Турција ѝ вети вкупно 6 милијарди евра како помош за сириските бегалци, но ние добивме само 2 милијарди евра“, истакна Ердоган, осврнувајќи се на Договорот за миграции склучен помеѓу Турција и ЕУ.
Турскиот претседател нагласи дека досега околу 371.000 Сиријци самоволно се вратиле во подрачјата во Сирија расчистени од терористи од страна на Турција.
„Верувам дека овој број ќе достигне еден милион во првата фаза, доколку го реализираме проектот што го изнесов пред Генералното собрание на Обединетите нации“, рече Ердоган.
Во своето обраќање потенцираше дека прашањето на бегалците не може да се реши само со напорите на неколку земји, кои како и Турција им ги отворија вратите на бегалците.