Burcu Çalık
20 Јули 2019•Ажурирај: 21 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакнувајќи дека Мировната операција на Турција на кипарскиот остров е спроведена со цел да се заштитат правата и интересите на кипарските Турци, кои се еднакви сопственици на островот Кипар, нагласи: „Кога станува збор за животот и безбедноста на кипарските Турци, никој не треба да се сомнева дека Армијата на Турција ќе ги преземе истите чекори како што ги презеде и пред 45 години“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Канцеларијата за комуникации при Кабинетот на претседателот, Ердоган испратил порака до претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Мустафа Акинџи, по повод празникот 20 Јули, Денот на мирот и слободата.
„Господине претседателе, на 45-годишнината од Мировната операција од 20 јули 1974 година, која им донесе мир и слобода на кипарските Турци, во свое име и во име на народот на Турција им го честитам на кипарските Турци празникот Денот на мирот и слободата“, рече Ердоган во пораката и продолжи:
„Турција ја спроведе Мировната операција со цел да се заштитат правата и интересите на кипарските Турци, кои се еднакви сопственици на островот Кипар. Нашата одлучност кон тоа прашање целиот свет ја гледа и денес. Херојската Армија на Турција не го смета Кипар како надвор од својата татковина. И кога станува збор за животот и безбедноста на кипарските Турци, никој не треба да се сомнева дека Армијата на Турција ќе ги преземе истите чекори како што ги презеде и пред 45 години.“
Истакнувајќи дека Мировната операција на 20 јули, 1974 година, е спроведена во согласност со меѓународното право, по исцрпување на сите средства на дипломатијата, Ердоган рече дека меѓународниот легитимитет на кипарското прашање и понатаму ќе биде еден од основните принципи на Турција, како што беше и досега.
- „Турција во Источниот Медитеран ќе ги искористи сите можности за владеење на мирот“
„Можно решение во Кипар ќе се случи само тогаш кога ќе се гарантира политичката еднаквост на кипарските Турци и во услови кога ќе биде задоволена нивната загриженост за безбедноста. Под никакви околности нема да бидат напуштени овие цели кои се реалноста на островот. Турција, во секој случај, ќе продолжи да биде гаранција за благосостојбата, безбедноста и иднината на кипарските Турци. Турција и Турската Република Северен Кипар исто како и денес и во иднина одлучно ќе застанат пред сите што сметаат дека богатството на островот и регионот е само нивно“, нагласи претседателот Ердоган.
Во тој правец, Ердоган наведе дека Турција ќе ги искористи сите можности за да се постигне праведно и трајно решение на островот и наместо тензии во Источниот Медитеран да преовладее мирот.
„Тие што се сомневаат во солидарноста на Турција и Турската Република Северен Кипар и во заедничката заложба на турскиот и кипарскиот народ со болни искуства сфатија дека се во голема заблуда. Кипарските Турци се составен дел на големиот турски народ. Тие што сонуваат да го сменат овој факт, порано или подоцна ќе сфатат дека се труделе за една залудна причина. Со овие чувства и мисли ја искажувам својата почит кон шехидите кои ги дале своите животи за оваа наша национална кауза и благодарност до сите ветерани. А на кипарските Турци им посакувам мир, спокојство и среќа“, нагласи Ердоган, претседателот на Турција.