Ердоган: „Несоодветен е oдговорот на муслиманските земји на израелскиот масакр во Газа“
- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го критикуваше недостигот на одговор од муслиманските земји во решавањето на тековниот геноцид во Газа, истовремено обвинувајќи ги западните земји дека му даваат целосна поддршка на Израел
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го критикуваше недостигот на одговор од муслиманските земји во решавањето на тековниот геноцид во Газа, истовремено обвинувајќи ги западните земји дека му даваат целосна поддршка на Израел, јавува Анадолу.
„Неколку западни земји му дадоа секаков вид поддршка на Израел, а неуспехот на муслиманските земји да одговорат адекватно доведе до тоа ситуацијата да дојде до оваа точка“, изјави Ердоган на вонредниот заеднички самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Арапската лига во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
„До денес 50.000 Палестинци, од кои 70 % се деца и жени, се убиени во масакрите што ги изврши Израел во Газа и на другите палестински територии“, истакна турскиот претседател.
Ердоган рече дека Туркије досега пратила над 84.000 тони помош во Газа и подготвена е да прати многу повеќе кога ќе се укинат ограничувањата.
„Израел не може да прифати дури ни хуманитарната помош да се доставува во Газа и со месеци во Египет ги остава пратените материјали да чекаат испорака“, додаде Ердоган.
„Подготвени сме да ги спроведеме сите конкретни и реални предлози што ќе ја натераат Владата на Нетанјаху да ги почувствува вистинските последици од континуираната окупација на палестинската земја“, рече турскиот претседател.
„Треба да поттикнеме колку што е можно повеќе земји да интервенираат во тужбата поднесена од Јужноафриканска Република против Израел пред Меѓународниот суд на правдата“, нагласи тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.