Elena Teslova
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
МОСКВА
Ерменија побара од Русија да ја брани нејзината територија од Азербејџан во рамките на договорот за пријателство, соработка и заемна помош од 1997 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Секретарот на ерменскиот Совет за безбедност, Армен Григорјан, за локалниот телевизиски канал „Public TV“ изјави дека се подготвува формално барање и дека наскоро ќе биде испратено во Русија.
Двете земји го потпишаа историскиот договор на 29 август 1997 година, а членот 3 предвидува можност за воена помош во случај на агресија врз која било од потписничките на договорот.
Тој ја изрази надежта на Ерменија дека ако преговорите со Азербејџан не успеат, Русија ќе обезбеди „доволно воена помош“.
Односите меѓу поранешните советски републики се тензични од 1991 година кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, територија признаена како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Кога на 27 септември избувнаа нови судири, ерменската Армија започна со напади врз цивилите и азербејџанските сили и прекрши неколку договори за хуманитарен прекин на огнот.
За време на судирите, Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 населби и села од ерменска окупација.
Двете земји на 10 ноември потпишаа договор за прекин на борбите и работа кон сеопфатно решение со посредство на Русија.
На 11 јануари, лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија потпишаа пакт за развој на економските врски и инфраструктура во корист на целиот регион. Тоа вклучуваше формирање трилатерална работна група за Карабах.
Прекинот на огнот се гледа како победа за Азербејџан и пораз за Ерменија, чии вооружени сили се повлекоа во согласност со договорот.
Пред победата, околу 20 отсто од азербејџанската територија беше под нелегална окупација речиси 30 години.