İlker Girit
30 Ноември 2017•Ажурирај: 01 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Европската Унија има намера да ги регистрира сите цивилни беспилотни летала и нивните оператори како дел од првите правила што важат за цела ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Европскиот парламент соопшти дека преговарачите денес се договориле оти земјите на ЕУ ќе бараат да се регистрираат операторите на беспилотните летaла.
„Беспилотните летала ќе бидат поединечно означени со цел полесна идентификација“, се вели во соопштението.
Во привремениот договор исто така се наведува и дизајнот и производството на беспилотните летала, во согласност со основните барања на ЕУ за сигурност, безбедност и заштита на личните податоци.
Во моментов, производителите и операторите се подложени на различни барања под надлежност на националните власти.
Официјалните претставници на ЕУ веруваат дека воспоставувањето унифицирано ниво на безбедност во ЕУ и поголема јасност на производителите и операторите на беспилотните летала ќе помогне во зајакнувањето на секторот.
Комисијата на ЕУ беше задолжена да дефинира „поспецифични барања, на пример, каков вид беспилотни летала треба да бидат опремени со карактеристики како што се ограничување на висината на летање, максималното работно растојание, избегнувањето судир, стабилизирање на летот и автоматското слетување“.
Денешниот договор сега треба да биде одобрен од Европскиот совет и од Европскиот парламент како целина, пред да стапи во сила.