Mahmoud Mohamed Barakat
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
КАРТУМ
Европската Унија (ЕУ) и западните земји денеска ги повикаа суданските власти да спроведат независна истрага за наводите дека безбедносните сили ги силувале демонстрантките во главниот судански град Картум, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мисиите на Европската Унија во Судан, Канада, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави во заедничко соопштение „силно ја осудуваат употребата на сексуално и родово базирано насилство како оружје за да се избркаат жените од демонстрации и да се замолчи нивниот глас“.
„Ги повикуваме властите да спроведат целосна и независна истрага за овие наводи за насилство и да обезбедат сторителите да одговараат без оглед на нивната припадност. На граѓаните на Судан мора да им се овозможи правото на слобода на политичко изразување и собири без насилство“, се вели во соопштението.
„Денеска Суданките и нивните поддржувачи ќе излезат на улиците за да маршираат против сексуалното насилство и вознемирување, вклучително и поради силувањето што се случи за време на протестите на 19 декември“, се додава во соопштението.
Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации во вторникот ги повика суданските власти да спроведат „брза, независна и темелна“ истрага за „наводите“ за силување на 13 жени и девојки и сексуално вознемирување на други од страна на безбедносните сили за време на протестите во неделата.
Во Судан од 25 октомври се одржуваат протести, како одговор на отпуштањето на преодната Влада од страна на војската и прогласувањето вонредна состојба.
Премиерот Абдала Хамдок, сепак, беше вратен на функцијата на 21 ноември според договорот со Абдел Фатах ал Бурхан, началникот на Суданската армија, во потег кој имаше за цел да ја реши политичката криза што се закануваше да ја поткопа транзицијата на Судан кон демократијата.
Илјадници Суданци во неделата организираа протести во Картум за да го изразат своето незадоволство од политичкиот договор со војската и побараа целосно цивилно владеење.
Додека земјите и регионалните и меѓународните организации, вклучително и ОН, го поздравија договорот, суданските политички и цивилни сили го отфрлија, сметајќи го за „обид за легитимирање на пучот“.