Ekip
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
БРИСЕЛ
Европската комисија потпиша нов договор со фармацевтските компании „БајоНТех“ и „Фајзер“ за купување на уште 1,8 милијарди вакцини, објави денеска Комисијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„ЕУ се договори да купи 900 милиони вакцини против Ковид-19 за периодот 2021 - 2023 година, со опција да купи уште дополнителни 900 милиони од фармацевтските компании“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Договорот, исто така, гарантира дека производителите испорачуваат вакцини ефективни против новите варијанти на коронавирусот.
Претходно овој месец, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека новиот договор со „БајоНтех“ и „Фајзер“ има за цел да обезбеди дополнителни дози за возрасните граѓани, како и за малолетните лица.
Договорот им овозможува на земјите членки на ЕУ да ги препродаваат или да ги донираат вакцините.
Компаниите „БајоНТех“ и „Фајзер“ се обврзаа оваа година да испорачаат вкупно 600 милиони дози од вакцината во ЕУ.
Досега во Европската Унија, во чии рамки живеат 450 милиони жители, администрирани се 200 милиони дози од вакцините.
Блокот има за цел да вакцинира 70 отсто од возрасната популација до јули.