Ali Cura
03 Јануари 2019•Ажурирај: 04 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Бројот на загинатите во експлозијата на гас во станбената зграда во градот Магнитогорск е зголемен на 39, потврди Борис Дубровски, гувернерот на Чељабинск, јавува Anadolu Agency (AA).
Шест деца се меѓу жртвите на трагедијата до која дојде поради експлозија на гас, откако се урна дел од 10-катница.
Помошникот на министерот за вонредни ситуации на Русија, Александр Чупријан, потврди дека е извлечено и последното тело и дека повеќе никој не останал под урнатините. Тој истакна дека е завршена акцијата на барање и спасување.
Деветмесечното машко бебе, кое вчера беше пронајдено во урнатините речиси 36 часа по експлозијата, се здобило со сериозни повреди, но е во стабилна состојба во Педијатриската болница во Москва.
Бебето до главниот руски град, оддалечен 1.400 километри од Магнитогорск, е превезено со авион на Министерството за здравство.
Експлозијата се случи на 31 декември во 10-катница во Магнитогорск, во рускиот регион Чељабинск. Силната експлозија предизвикала уривање на зградата.